Муцунски во работна посета на Јапонија, ќе го промовира македонскиот павилјон на ЕКСПО 2025
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во наредните денови ќе престојува во работна посета на Јапонија.
Во рамки на посетата, како што соопшти Министерството, Муцунски ќе присуствува и ќе се обрати на свеченото одбележување на Националниот ден на Република Северна Македонија на Осака ЕКСПО 2025, каде што земјата учествува со свој павилјон, промовирајќи ги културните, туристичките и економските потенцијали на овој значаен меѓународен настан, кој се одржува од 13 април до 13 октомври 2025 година во Осака.
Покрај учеството на ЕКСПО, министерот ќе оствари работни средби со државниот министер за надворешни работи на Јапонија, Хисајуки Фуџии, со претседателот на Јапонската организација за надворешна трговија (JETRO), Сусуму Катаока, како и со заменик-претседателот на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), Шохеи Хара.
-На средбите ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка, со фокус на економските и трговските односи, размена на искуства во областа на развојната помош, како и актуелни регионални и глобални предизвици, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа