Убиен шефот на Иранската револуционерна гарда

 


Генералот Хусеин Салами, врховен командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран, е убиен во израелски воздушен напад, објавија повеќе ирански државни медиуми.

Салами првпат се приклучи на Револуционерната гарда во 1980 година за време на избувнувањето на војната меѓу Иран и Ирак. Како што се искачуваше низ воените редови, стана познат по својата остра реторика против САД и нивните сојузници.

Од 2000-тите години, тој е под санкции на Советот за безбедност на ОН и САД поради неговата вмешаност во нуклеарните и воените програми на Иран. Тој беше на чело на Револуционерната гарда кога Иран го започна својот прв директен воен напад врз Израел минатата година.

Како што тензиите со Израел ескалираа во последните денови, Салами вчера изјави дека Иран е „целосно подготвен за сите сценарија, ситуации и околности“. „Непријателот мисли дека може да се бори против Иран на ист начин како што се бори против беспомошните Палестинци кои се под израелска опсада. Ние сме искусни во војна“, истакна тој во таа пригода.

Иранската револуционерна гарда е еден од главните центри на моќ во теократијата на земјата. Таа го контролира арсеналот на балистички ракети на Иран.

Салами беше меѓу неколкуте високи функционери убиени во израелскиот напад. Иранските државни медиуми објавија дека е убиен и Ферејдун Абаси, поранешниот шеф на Организацијата за атомска енергија.

Дополнително, Израел верува дека и началникот на иранската армија, Мохамед Багери, бил елиминиран во нападите врз Иран синоќа, заедно со други членови на военото раководство и нуклеарни научници.

13.06.2025 - 10:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега