Герасимовски: Центарци го поддржуваат пилот проектот за затворање на Дебар маало за возила
Денеска, во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, градоначалникот Горан Герасимовски и тим од општинската администрација се сретнаа со жителите на Центар на плочникот кај Зелен пазар. На маалската средба, се дискутираше за сите досега реализирани проекти со кои Општина Центар значително го подобри секојдневието на центарци. Покрај тоа, беа споделени и нови идеи и приоритети за развојот на Центар во наредната година.
Граѓаните му изразија поддршка на Герасимовски за најавениот пилот-проект за ограничување на движењето на возила во внатрешноста на Дебар Маало за време на викендите. Оваа иницијатива има за цел да создаде побезбедна и поквалитетна животна средина за сите дебармаалци, и центарци.
„Овој пилот-проект ќе го доставиме до Градот Скопје, а потоа и до СВР Скопје за конечна согласност. Со тоа ќе направиме важен чекор кон поголема безбедност, мир и повеќе простор за граѓаните во Дебар Маало", истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Проектот предвидува Дебар Маало да биде затворено за сообраќај секој викенд, почнувајќи од петок во 18:00 часот до понеделник во 06:00 часот наутро. Во овој период, влезот на возила ќе биде контролирано ограничен преку поставување рампи на четири клучни локации: улиците Орце Николов, Ленинова, 29 Ноември и булеварот Климент Охридски. Влез ќе биде дозволен исклучиво за жителите на Дебар Маало кои ќе добијат специјални дозволи (картички), додека за останатите граѓани ќе важи ограничување: ќе можат да влезат со возило, но само привремено – во рок од 15 минути.
Општина Центар останува посветена на директната комуникација со жителите и инклузивно планирање на идните проекти, токму преку средбите како што е караванот „Се гледаме во маало“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа