Обвинителството се откажа од обвинението за Максим Димитриевски
Кумановското Обвинителство го повлече обвинението поднесено до Основниот суд Куманово, со кое беше опфатен градоначалникот Максим Димитриевски.
Од Обвинителството велат дека одлуката ја донеле откога по изведувањето на сите докази, вклучително и исказите на вештите лица, било утврдено дека не постои значителна штета, што е клучен елемент за постоење на кривичното дело.
Првичното обвинение се темелело на материјално-финансиско вештачење, кое укажувало на значителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари нанесена на две оштетени фирми. Меѓутоа, по изведување на сите докази и на исказите на вештите лица, било утврдено дека штетата наведена во обвинението не постои поради издаденото одобрение за градење, објаснува Обвинителството.
Обвинителот на 30 јуни годинава се откажал од обвинението, па Основниот суд Куманово на 1 јули донел пресуда со која обвинението се одбива.
Кумановското Основно јавно обвинителство во март минатата година поднесе обвинение против актуелниот градоначалник Максим Димитриевски за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Обвинението се засноваше на две кривични пријави поднесени од две локални фирми, кои го пријавиле Димитриевски дека не им издал градежна дозвола, односно да платат комуналии за изградба на зграда според важечки детален урбанистички план. Со тоа, како што тврдеа тие, кумановскиот градоначалник им нанел штета од речиси 55.000 евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа