Перински: Вредноста на сите проекти поднесени од општините ќе надмине 20 милијарди денари
Вредноста на проектите поднесени од општините на двата повика што ги објави Владата ќе надмине 20 милијарди денари, оцени денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Како што информира Перински, најголем дел од апликациите се за подобрување на патната инфраструктура, но има и проекти за заштита на животната средина (уредување корита, тревни и парковски површини), како и за подобрување на образовните институции (изградба и доградба на школи, градинки).
И тој и премиерот Христијан Мицкоски кои се во работна посета на Кавадарци, соопштија дека заклучно со денеска сите 80 општини поднеле апликации за проекти од вториот повик.
-Од првиот јавен повик има 288 проекти, преку 90 отсто веќе се реализираат, а голем дел се и завршени. До денеска на вториот повик има 887 проекти од сите 80 општини, но до понеделник можеби бројката ќе се зголеми. Широк е дијапазонот на проекти од општините кои се финансирале од централниоот буџет. Се надевам дека оваа проактивност на градоначалниците ќе продолжи. Презадоволни сме како Влада од фидбекот што го добивме и самите бројки тоа го зборуваат, околу 1 200 проекти се навистина импозантна бројка, подвлече Перински.
Во рамки на првиот повик, рече, се склучени договори во вредност од скоро 4,6 милијарди денари, а на вториот за кој се уште се сондираат бројките, пристигнати се апликативни формулари од близу 16 милијарди денари.
-Вредноста на сите проекти ќе надмине 20 милијарди денари што е навистина импозантна бројка, потенцира министерот.
И премиерот Мицкоски претходно кажа дека на двата повика засега има вкупно 1 200 апликации.
-Тоа се 1 200 градилишта во Македонија, тоа е историска, вековна работа и тоа го правиме за идните и денешните генерации кои заслужуваат подобри услови за живот. Ќе продолжиме да реализираме и во периодот што следи. Очекувајте многу убави вести следните неколку месеци за граѓаните и државата зашто добро е да се гради, за тоа не избраа граѓаните, истакна Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа