Почина Габи Новак, првата дама на хрватската поп музика

 

Познатата хрватска пејачка Габи Новак почина на 89-годишна возраст.

Родена на 8 јули 1936 година, дел од детството го поминала во Берлин. Потоа се преселила со семејството во Хвар, а потоа во Загреб. Таму дипломирала на Факултетот за применети уметности, отсек графика, и кратко работела како илустратор во Загреб Филм, во Студиото за цртани филмови.

Почнала да настапува кон крајот на 1950-тите, а нејзиниот препознатлив глас набрзо ја направил една од најомилените пејачки на југословенската музичка сцена од тоа време. Нејзиниот репертоар вклучувал поп и џез, а веќе во текот на 1960-тите години стекнала голема популарност и признанија од критиката.

Прво беше во брак со композиторот Стипица Калоѓера, а по нивниот развод во 1970 година, на 30 март 1973 година се омажи за кантавторот Арсен Дедиќ, кој беше нејзин сопруг и уметнички соработник до неговата смрт во 2015 година. Синот на легендарните Арсен Дедиќ и Габи Новак, Матија Дедиќ, почина ненадејно во Загреб на 53-годишна возраст на почетокот на јуни.

Габи Новак често е нарекувана прва дама на хрватската поп музика, а нејзината интерпретација, емоционален израз и уметнички стандард оставија траен белег врз музичкото наследство на Хрватска и поширокиот регион.

11.08.2025 - 18:53

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега