Рокас: Нема мир без поврзување на Европа

 


Не постои друг начин за одржување на нашиот мир, безбедноста и просперитетот, освен преку поврзување на сите точки во Европа, истакна денеска евроамбасадорот Михалис Рокас на панел-дискусијата на тема „Обликување на иднината – ЕУ интеграцијата како двигател на напредокот на Северна Македонија“ во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во земјава и Вилфрид Мартенс центарот за Европски студии по повод Денот на Европа - 9 Мај. 

Рокас говореше за големата важност на проширувањето на Европската Унија, особено во контекст на потребата од поголемо единство на Европа по руската воена агресија врз Украина.

- Руската агресија врз Украина креираше комплетно нови перспективи, се ставија под знак прашалник голем број работи, мирот, безбедноста, стабилноста. Претходно, имавме Ковид пандемија, која пак го стави под знак прашање нашиот систем за набавки, нашите партнерства, а на врвот се стави прашањето за проширувањето. Не постои друг начин за одржување на нашиот мир, безбедноста и просперитет, освен преку поврзување на сите точки, пополнување на сите дупки и да имаме навистина креативен пристап, рече Рокас.

Тој напомена дека посетите на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и на високата претставничка за надворешни работи и безбедноста политика на ЕУ на земјава Каја Калас се доказ за посветеноста на Унијата на нашите евроинтеграции. Истакна дека и Кошта и Калас храбро изјавиле дека земјава припаѓа на европското семејство и додаде дека во Брисел постои силна волја да се реализира процесот на евроинтеграција.

Рокас изјави дека во земјава и покрај сите препреки има висока поддршка за процесот на евроинтеграции и додаде дека нема сомнение дека младите сакаат да се движат напред и да бидат дел од ЕУ. Тој нагласи дека е потребно и двете страни да се вложат во реализацијата на целта. Ја спомена и Реформската агенда и придобивките, кои земјава ќе ги има од неа, нагласувајќи дека е потребно да се вложат сите напори за спроведување на реформите, додека истовремено се работи на останатите деликатни прашања.

- Ние како европски институции е потребно заедно со властите, од сите апсекти, со сите страни да поставиме една вистинска перспектива. И тоа навистина се случува со Реформската агенда, тоа е една потврда дека ова ќе биде постепена интеграција на земјава кон европскиот пазар, што секако не е алтернатива за пристапувањето во ЕУ, но потребно е да се спроведат сите овие реформи додека на сите други деликатни прашања и понатаму ќе се работи, рече евроамбасадорот Рокас.

28.05.2025 - 14:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега