Рубио: Треба да има договор за териториите и каде ќе се повлечат границите
За да се постигне мировен договор, и двете страни, односно и Русија и Украина треба да направат отстапки, но и да очекуваат нешто да добијат, што е многу тешко да се постигне, вели државниот секретар на САД, Марко Рубио во интервју за „Фејс д нејшн“ на Си-Би-Ес, кое беше реализирано по Самитот на Аљаска и пред вчерашното доаѓање на претседателот на Украина, Володомир Зеленски и европските лидери на состанок во Вашингтон.
Рубио потенцира дека меѓу двете страни има големи разлики за крупните прашања и во моментов ниту Русија, ниту Украина се подготвени да попуштат.
Тој смета дека концентрацијата треба да биде на работите кои биле дискутирани на Самитот во Аљаска, меѓу рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на САД Доналд Трамп, а кои се потенцијал за пробиви, за напредок.
Треба да се најдат области каде што има напредок во разговорите, вели државниот секреар на САД, и да се направи обид за намалување на јазот меѓу двете страни.
– Но, постои причина зошто оваа војна трае веќе три и пол години, а тоа е дека кога станува збор за клучните прашања, сè уште има некои големи разлики меѓу двете страни. Да видиме колку напредок можеме да продолжиме да постигнеме. Не е лесно, но тоа е нешто што претседателот го направи како приоритет. Мирот. И тој заслужува голема пофалба за тоа – заклучува Рубио.
Тој ги отфрли конструкциите дека европските лидери дојдоа во Вашингтон за да спречат Зеленски да биде малтретиран од страна на Трамп и да се натера да потпише нешто против својата волја. Рубио потенцира дека со европските лидери работат на прашањето за безбедносни гаранции за Украина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа