Сајкоски: ВМРО-ДПМНЕ ги комплетираше листите за локалните избори, очекуваме „огромна победа“

 


По долгите анализи и испитувања кои ги правеше и она што го констатираше, ВМРО-ДПМНЕ комплетираше листи за советници и кандидати за градоначалници кои ќе настапат на следните избори, изјави денеска Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на партијата, пред седиштето на Државната изборна комисија.

Како што рече, за кандидати за градоначалници ги избрале оние кои покажале добри резултати во изминатите четири години, но имаат и нови кандидати кои „се профилирани ликови во средините од каде што доаѓаат“.

-За листи за советници се избрани луѓе коишто се предлог на месните и општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Можам да констатрам дека партијата е комплетно мобилизирана, дека ќе имаме голем успех на следните ллокални избори. Исто така, можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори ќе има плус советници и плус градоначалници во споредба од она што го имавме  во 2021 година, изјави Сајкоски, кој беше придружуван од членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ - Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска и Орце Ѓорѓиевски, кандидат на оваа партија за градоначалник на Скопје.

Според Сајкоски, сите анализи и од тоа што го слушаат од терен покажува дека „ќе имаме една огромна победа на локалните избори“.

-Граѓаните знаат, го ценат квалитетот на понудените кандидати, но, исто така, го ценат она што е сработено во изминатиот период од страна на кандидатите за градоначалници, но и она што ВМРО-ДПМНЕ го ветува, вообичаено да се очекува да го реализира. Работата и трудот секако дека ќе бидат наградени на следните локални избори, додаде генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ. 

Според роковникот на ДИК за спроведување на Локалните избори 2025, денеска до полноќ истекува рокот  до кога сите што  сакаат да се кандидираат на претстојните избори, закажани за 19 октомври, своите кандидатури за градоначалници и листите на кандидати за членови на советите во 80 општини и Градот Скопје треба да ги поднесат преку своите овластени предлагачи во просториите на општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).

13.09.2025 - 11:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега