Средба Минчев-Рокас: Нови закони за професионална и департизирана администрација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес оствари средба со Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Михалис Рокас.
Средбата беше фокусирана на значењето на неодамна усвоените четири клучни реформски закони – Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници и Законот за инспекциски надзор, како основа за изградба на праведна, професионална и департизирана јавна администрација, известува Министерството.
Дополнително беа истакнати следните чекори во насока на нивна доследна и ефикасна имплементација, преку транспарентен процес и со силен политички и институционален ангажман.
Министерот Минчев го информираше амбасадорот Рокас и за подготовката на новиот пакет на реформски закони, кој ќе го надгради и заокружи процесот на стратешка трансформација на јавната администрација. Станува збор за:
• Предлог-законот за систем на плати,
• Предлог-законот за високо раководна служба,
• Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ)
Од страна на Амбасадорот Рокас, беше поздравено донесувањето на усвоените закони како позитивен и охрабрувачки сигнал за посветеноста на државата кон европските стандарди во јавната администрација. Воедно, беше изразена поддршката и за новиот реформски циклус, со јасна заложба за доследна и транспарентна имплементација, во духот на принципите на добро управување.
Министерството за јавна администрација и Делегацијата на ЕУ ја потврдија заедничката заложба за континуирана соработка во насока на одржливи и системски реформи кои ќе овозможат ефикасна, отчетна и граѓански ориентирана јавна администрација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа