Средба Муцунски и Дал Мас: Зајакнување на регионалната соработка и борбата против криминалот

 


Генералниот секретар на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), Франко Дал Мас денеска во Скопје се сретна со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Присутен беше и италијанскиот амбасадор, Паоло Палминтери.

За време на состанокот, како што информира МНРиНТ, генералниот секретар ги презентираше приоритетите на ЦЕИ, потврдувајќи ја поддршката на оваа организација за европскиот пат на Северна Македонија и признавајќи ја активната и конструктивна улога на земјата во рамките на ЦЕИ.

-ЦЕИ е посветена на поддршка на европската интеграција, промовирање на регионалната стабилност и зајакнување на конкретни алатки за соработка. Активното вклучување на земјите од Западен Балкан сега е потребно повеќе од било кога за изградба на покохезивна и побезбедна Европа, рече генералниот секретар Дал Мас. Во овој контекст, тој потсети и на зборовите на вицепремиерот и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, според кој, пристапувањето на Западен Балкан не треба да се смета за проширување, туку за повторно обединување на Европа.

Помеѓу иницијативите за кои стана збор за време на состанокот беше и програмата „Фалконе-Борселино“, настаната од соработката помеѓу српското претседателство на ЦЕИ и Италија, насочена кон зајакнување на борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и активностите во областа на регионалното поврзување, особено по должината на коридорот Западен Балкан-Источен Медитеран.

Министерот Муцунски, изразувајќи благодарност и поддршка за работата на ЦЕИ, нагласи дека земјата ја гледа оваа организација како сигурен партнер и фундаментален канал за промовирање на стабилноста, развојот и конкретната соработка во регионот. Исто така изрази благодарност до министерот Тајани за неговата конкретна и постојана посветеност на дијалогот и интеграцијата на Западен Балкан.

Двете страни, исто така, ја потврдија својата посветеност во поддршката за Украина, поздравувајќи го доаѓањето на украинскиот заменик-генерален секретар во тимот на Секретаријатот.

Состанокот заврши со официјална покана од генералниот секретар Дал Мас до министерот Муцунски за посета на Секретаријатот на ЦЕИ во Трст.

20.05.2025 - 15:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега