Одбил неговата единица да интервенира против луѓето што протестираат: Разрешен командантот на српската Специјална антитерористичка единица
Долгогодишниот командант на српската Специјална антитерористичка единица (САЈ) Спасоје Вулевиќ е разрешен од должноста и формално ќе се пензионира од понеделник, објави Н1 кои се повикуваат на извор. Тој тврди дека неговото разрешување дошло по барање на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Радар“ објави дека командантот на САЈ во неколку наврати одбил барања неговата единица да интервенира против граѓани во протести.
Паралелно со отстранувањето или пензионирањето на Вулевиќ, обезбедувањето на амбасадата на САД, кое го вршеше САЈ речиси две децении, постепено целосно го презема Единицата за заштита – ЈЗО, со која командува Марко Кричак, пишува „Радар“.
Вулевиќ беше началник на САЈ речиси две децении, а во МВР од 1993 година. Тој е првиот српски полицаец кој дипломирал на престижната Академија на ФБИ, а „Време“ наведува дека за време на неговото командување, САЈ „останала впечатливо чиста, со професионално обучени и дисциплинирани членови“.
Според „Време“, Вулевиќ „одбил да ја трансформира САЈ во преторијанска гарда на владата, што во политичката елита било сфатено како непослушност“. Весникот додава дека „неговиот авторитет во полицијата станал пречка токму затоа што не сакал единицата да се користи во акции против граѓаните“.
Заминувањето на Спасој Вулевиќ од службата се смета не само за крај на една ера во Специјалната антитерористичка единица, туку и како политички сигнал – дека повеќе нема место на врвот на полициските сили за оние кои, како што објави „Време“, „не се подготвени да ја стават единицата во функција на репресија врз граѓаните“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа