Судии, јавни обвинители и познати адвокати меѓу кандидатите за нов македонски судија во Стразбур
На списокот на пријавени кандидати, до кој дојде „360 степени“, меѓу другите, се наоѓаат Наташа Габер-Дамјановска, поранешна директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, како и членот и експретседател на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Судии, јавни обвинители, но и познати адвокати се наоѓаат на листата на кандидати пријавени за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) кој треба да ја преземе функцијата на почетокот на следната година.
Заменик-директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени, исто така, е на списокот од 21 пријавен кандидат за местото на Северна Македонија во судот во Стразбур. И поранешната претседателка на Врховниот суд, која беше разрешена во 2021 година, Лидија Неделкова, е меѓу пријавените.
Даница Џонова, која како владин агент за застапување на земјава пред ЕСЧП, има искуство од работата со судот, исто така, поднела кандидатура Како што објавија дел од медиумите вчера, меѓу пријавените се и јавната обвинителка Ленче Ристоска, како и судијката во Кривичниот суд, Оља Ристова.
Адвокатите Јордан Апостолски, Тони Менкиновски и Валентин Пепељугоски, исто така, се наоѓаат на списокот на пријавени на конкурсот распишан од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Се кандидирале и нивните колеги адвокати Иво Савиќ, Јелена Ристиќ, Соња Петрушева и Наташа Бошкова, која работи на прашања поврзани со човековите права и соработува со невладини организации во оваа сфера.
Судијката во Апелацискиот суд во Скопје, од кривичната област, Габриела Гајдова, исто така се наоѓа на списокот, како и нејзиниот колега од граѓанската област Илир Сулејмани (поранешен претседател на Основниот граѓански суд).
Тука се и судиите Андреј Димовски, Али Алиу и Едита Наскова, обвинителот Дејан Петрески и поранешниот член на Антикорупциската комисија Шемси Салаи.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера соопштија дека во наредниот период Меѓуресорската комисија што е формирана со одлука на Владата ќе ги разгледа пристигнатите апликации и ќе изврши интервјуирање на кандидатите, по што ќе пристапи кон процес на нивно рангирање.
Потоа, ќе бидат предложени тројца кандидати до Советодавниот панел на експерти за избор на судии при Советот на Европа, согласно Европската конвенција за човекови права.
Мандатот за оваа функција трае девет години.
Од 2017 година судија во Европскиот суд од земјава е Јован Илиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа