Уапсени хрватски воен пилот и неговата партнерка од Косово – се сомничат за шпионажа за Србија
На островот Вис уапсени се пилот на Хрватското воено воздухопловство и неговата партнерка од Косовска Митровица, под сомнение дека шпионирале за Србија. Во истрагата е вклучен и Европол.
Според информациите на Индекс.хр, А.М., српска државјанка од Косовска Митровица, и нејзиниот долгогодишен партнер Ј.И., пилот на воен хеликоптер и припадник на Хрватските воздухопловни сили, биле приведени на островот Вис поради сомневања за оддавање доверливи информации на српската страна.
Истражителите веруваат дека пилотот му откривал службени тајни на својата партнерка, која потоа ги проследувала кон партијата „Српска листа“ во Косово. Според наводите, станува збор за податоци за движењата на српското население на северот од Косово и активностите на КФОР, особено во чувствителната област Зубин Поток, каде често се јавуваат тензии меѓу Србите и косовските власти.
Дополнително, двајцата се товарат за размена на информации околу транспортот на уапсениот поранешен косовски полицаец Дејан Пантиќ, чиј случај во 2022 година предизвика масовни блокади и протести на северот од Косово.
Двајцата биле уапсени на 25 јули годинава. Ј.И. завршил во истражен затвор, додека А.М. добила одлука за протерување од Хрватска и е сместена во прифатен центар за странци во Триљ. Неофицијално, се дознава дека мобилните телефони на двајцата содржат комуникации кои се сметаат за клучен доказ за нивни шпионски активности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа