(ВИДЕО) Левица: Градоначалник од редовите на ДПМНЕ во одбрана на иредентистичката училишна претстава во Челопек

 


Градоначалникот на општина Брвеница, Јовица Илиевски од редовите на ДПМНЕ, во интервју за ТВ Коха даде скандалозна и неприфатлива изјава. Имено, наместо да го осуди одржувањето на иредентистичка училишна приредба во Челопек, Илиевски го брани чинот, изјавувајќи дека приредбата која промовираше насилство и нетрпеливост “не е голема работа”, дека не можело да се преземат мерки, притоа, повикувајќи се на добри меѓуетнички односи во ООУ „7 Март“, велат од Левица.

„Се поставува прашањето: Дали градоначалникот е запознаен со Наставниот план и програма и со Законот за основно образование? Каде е предвидено славење на симболи и содржини кои го нарушуваат уставниот поредок и унитарноста? Наместо воспитување на култура, знаење и почит кон државните симболи, ваквите настани предизвикуваат поделби и нетрпеливост меѓу децата.

Приредбата со оружја за Денот на албанското знаме не е во согласност со македонскиот образовен систем и претставува грубо кршење на принципите на воспитно-образовниот процес. Одговорноста на градоначалникот и раководството на училиштето е очигледна, но наместо санкции, Илиевски одлучува да го игнорира револтот на јавноста и целосно да премолчи за повредата на законите.

Ги повикуваме сите надлежни институции, вклучувајќи го и Министерството за образование и наука, да преземат итни мерки за расчистување на случајот и санкционирање со цел ваквата пракса да не продолжи во иднина. Ова не е прашање на политика или лични интереси, туку на заштита на образовниот систем и зачувување на националните интереси. Секој што ќе го занемари ова прашање, директно придонесува за зголемување на поделбите и нарушувањето на меѓуетничките односи.

Националното достоинство мора да биде заштитено, а најмладите мора да растат во средина која ги промовира мирот, почитта и единството, наспроти насилството, поделбите и конфликтите“, стои во соопштението од Левица.

05.12.2024 - 10:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега