ВМРО-ДПМНЕ: Економијата заздравува, инфлацијата под контрола и рекорден раст на БДП
Во овие година дена од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ главен приоритет и фокус на владата беше економијата. Грижа за сите граѓани и посветеност на изградба на економска визија базирана на факти, докази и долгорочно планирање, велат од партијата.
„Од економија што тоне со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ економијата почна да заздравува и да се стабилизира.
Инфлацијата се стави под контрола. Од двоцифрена инфлација за време на СДСМ и ДУИ до околу 3% инфлација денес преку мерки, проекти и јасна визија. Обезбедени беа 500 милиони евра за поддршка на компаниите и за поддршка на општините за реализација на капитални проекти. 250 милиони евра за поддршка на компаниите за реализација на инвестициски циклус, и 250 милиони евра за поддршка на општините за реализација на капитални проекти за подобрување на животот на граѓаните. Во првиот квартал од оваа година се постигна раст на БДП 3,2% што е потврда за стабилизација на макроекономската состојба, забрзување на домашната економија и повисоки стапки на економски раст. Сето тоа Македонската економија ја става на 4-то место во Европа според растот на БДП, во првиот квартал и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За разлика од минатото, додаваат од партијата, сега има рекордно ниво на странски инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра.
„Платите растат, и има повисоки плати во администрацијата, здравството, образованието, полицијата. Се враќаат наследените долгови, целосно е отплатена еврообврзницата издадена во 2018 година, во износ од 500 милиони евра. Првпат по седум години намален е јавниот долг, заклучно со март 2025 година има намалување 4,7 процентни поени во однос на БДП, односно за 36 милиони евра. Намален е и буџетскиот дефицит за 4% од БДП“, пишува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се намалиле и царинските стапки за 67 стоки кои како суровини и репроматеријали се користат во домашната индустрија и целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД како наш стратешки партнер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа