ВМРО-ДПМНЕ: Злонамерни и лажни се и обвинувањата на СДС за повластување на „шоферот на министерот“ за кабинетски службеник

 

Злонамерни и лажни се и обвинувањата  на СДС за повластување на „шоферот на министерот“ за кабинетски службеник. Возач на министерот е лице определено од Службата за општи и заеднички работи и не е кабинетски службеник. Именување на  претседател на УО на Македонската Опера и Балет е лице кое  е вработено во МКТ но не е кабинетски службеник на министерот за култура и туризам, туку е професионалец кој работи во МКТ 15 години. Да не се навраќаме на потрошените буџетски средства на претходната ваша министерка и на вашите директори кои во исто време беа и директори и селектори и членови на комисии во Министерството за култура.

Сите овие обвинувања се само конструкции и злонамерен обид да се прикријат седумте катастрофални години на владеење на СДС, особено  душманскиот однос кон македонската култура. Ако е и од СДС партијата која брусеше шахти, го продаде македонскиот идентитет и безочно го понижуваше македонскиот граѓанин на сметка на туѓи интереси - премногу е! На актерката Катерина Илиевска и посакуваме својот  талент на интерпретација  да го насочи кон театарските сцени, а од СДС очекуваме јавно извинување  за искажаните небулози и дезинформации. Доколку тоа не се случи, Министерството ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на својот углед и на угледот на своите претставници; реагира ВМРО-ДПМНЕ.

„Во интерес на јавноста  најостро реагираме  на  целосно шпекулативните информации  и невистинити тврдења дека министерот Љутков потрошил над 50.000 евра за патувања. Потенцираме, потрошените средства  за Јапонија кои се споменуваат изнесуваат точно 3.485.080 денари и  не  се искористени за бројна делегација од МКТ како што СДС сакаат да прикажат туку наменети се  исклучиво за патните трошоци, билети, сместување и дневници  за уметниците  од НУ Ансамбл Танец!

Сите службени патувања на министерот Љутков и вработените во МКТ се реализирани со јасна културна и дипломатска агенда. Секој трошок е транспарентно објавен и достапен за јавноста. Обидите да се проблематизираат  службено оправданите патувања, се класичен пример на сензационализам и манипулација.  Сакаме да потенцираме  дека патувањето во Јапонија, кое тенденциозно се споменува, е дел од официјална програма за меѓународна  културна презентација  на државата  и е  во духот на историскиот Договор за соработка кој беше потпишан  минатата година со оваа држава. Единствен критериум при изборот на програмата за Експо Осака е квалитетот! Овој пат наместо препарираниот рис и орел кои беа едни од главните содржини на  Експо Дубаи 2021 кога тие владееја , пред јапонската и светската јавност ги нудиме нашите амбасадори, Танец, Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Владимир Василевски-Четкар! Наместо да го поздравиме видливото присуство на нашата држава на овој настан, СДС најбезочно ги омаловажува уметниците, и ја извртува вистината. 

СДС била и е партија која секогаш ги омаловажува уметниците и не може да се помири во евидентната разлика на работа, посветеност во културата“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

05.06.2025 - 15:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега