500 службени возила ставиле регистарски таблички во боја, остануваат уште две недели за другите институции
Акцијата за промена на специјалните таблички на државните возила е во крајна фаза на реализација и се очекува целосно да заврши за две недели, информира денеска директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
Досега обележани се околу 500 возила. Но Томовски вели, во тек е постапка за голем број други.
На акцијата се приклучиле општините Штип, Велес и Кавадарци.
-Продолжуваме со промената со специјалните таблици, веќе сме во крајна фаза на нејзина реализација, останувааат уште некои две недели додека ја завршиме целосната акција. Можам да кажам дека до денешниот пресек имаме некаде околу 500 возила кои што добиле специјални таблици, има голем број на возила кои што се во постапка. Ќе оставиме уште две недели да направиме краен пресек. Општина Гази Баба е една од првите општини кои што први пристапиле кон промена на нови таблици, односно почитување на препораките на Владата. Тука морам да ги споменам и другите скопски општини кои што се во процедура, морам да ги споменам Штип, Велес, Кавадарци, бидејќи тие се општините покрај останатите државни институции кои што ја прават промената, рече Томовски.
Најави дека денеска од страна на владината прес-служба ќе биде објавен телефонски број и мејл адреса каде граѓаните ќе можат да пријавуваат потенцијални злоупотреби.
– Денеска од страна на владината прес служба ќе биде јавно објавен и оној телефонски број и мејл адреса кои што ги ветивме, каде што граѓаните ќе можат да пријавуваат потенцијални злоупотреби. Тие можат да пратат до нас до Службата, па после ние како институција ќе ги препраќаме до сите оние институции кои што го направиле тој прекршок, по што раководителите ќе можат да пристапат кон дисциплински постапки и постапки кои што произлегуваат од законските и подзаконските норми на државата, рече Томовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа