Европската комисија не се откажува од рудникот за литиум во Србија
Европската комисија денес објави список од 13 стратешки проекти во областа на критичните суровини во трети земји, вклучувајќи го и проектот Јадар во западна Србија, кој предизвика силни протести и спротивставување во таа земја.
Списокот на стратешки проекти во областа на критичните суровини во трети земји вклучува проекти во Канада, Гренланд, Казахстан, Норвешка, Србија, Украина, Замбија, Нова Каледонија, Мадагаскар, Малави, Јужна Африка и Обединетото Кралство.
Според проценката на Комисијата, избраните проекти, од кои повеќето се однесуваат на суровини неопходни за производство на електрични возила и батерии, како што се литиум, никел, кобалт, манган и графит, бараат вкупно 5,5 милијарди евра капитални инвестиции за да започнат со работа.
На листата е вклучен и проектот Јадар во долината на реката Јадар во западна Србија, кој предизвика широко распространето негодување и отпор поради страв од загрозување на здравјето на луѓето и животната средина.
На почетокот на 2022 година, српската влада го поништи усвоениот просторен план за рудникот во долината на реката Јадар и го запре проектот. Сепак, во јули минатата година, повторно донесе одлука со која му дозволи на британско-австралискиот рударски гигант „Рио Тинто“ да го рестартира својот проект за рударство на литиум.
Избраните стратешки проекти ќе добијат поддршка од Комисијата, земјите-членки и финансиските институции во форма на полесен пристап до финансирање. Комисијата, исто така, ќе ја зајакне соработката со трети земји за да се обезбеди развој на овие проекти, особено преку стратешки партнерства што веќе се воспоставени со некои од земјите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа