Инспекцијата прави парче - Уништени околу 56 тони небезбедна храна
Инспекциските контроли на храната од почетокот на годинава ја надминаа бројката од 12 000 само во внатрешниот промет. Како небезбедни, досега се уништени околу 56 тони храна од животинско и неживотинско потекло. За утврдените недолесености се изречени 1 325 мерки од кои 260 парични казни и други казни како времени забрани за вршење дејност, а поднесени се и прекршочни пријави, рече денеска директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов.
Во обраќањето на трибината за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната, Миланов напомена дека дополнителни контроли се вршат за секоја пратка која се увезува во земјава.
-Од почетокот на годинава како небезбедни вратени се 10 пратки, најголемиот дел поради увоз од забранети региони/држави. Уништена е една пратка со храна од животинско потекло со тежина од 207 тони, а како небезбедни уништени се и околу 30 тони храна од неживотинско потекло, повеќе од половината небезбедна минерална вода од увоз, поради бактериолошка загаденост, недоволна јодираност на сол и утврдени остатоци од пестициди во зеленчук, потенцира диртекторот.
Според него, во синџирот на безбедна храна, покрај науката, институциите и операторите, многу важна алка се и граѓаните кои често алармираат за недоследности. Најчесто наведени наводи поврзани со безбедноста на храната се непочитување на добрата хигиенска пракса (ДХП) и НАССР, продажба на производи со поминат рок на употреба, работа без одобрение, присуство на контаминенти во производ, сомнеж за труење со храна и продажба на производи со променети органолептички својства, измама на потрошувачи, како и сомнеж во квалитетот на производот.
-Од почетокот на годинава досега преку Одделението за заштита на потрошувачите поднесени се повеќе од 360 иницијативи за вршење на инспекциски надзор. Како најчесто наведени наводи поврзани со безбедноста на храната се непочитување на ДХП и НАССР (36 иницијативи), продажба на производи со поминат рок на употреба (26), работа без одобрение (24), присуство на контаминенти во производ (17), сомнеж за труење со храна (16), продажба на производи со променети органолептички својства (16), измама на потрошувачи (14), сомнеж во квалитетот на производот (5), информира Миланов, додавајќи дека е постапено по најголемиот број од нив.
Денешната трибина, организирана во соработка со Европската агенција за безбедност на храната (EFSA),е во рамки на активностите на АХВ по повод одбележувањето на 7 Јуни, Светскиот ден на безбедна храна. Претставници од Европската агенција ќе ги презентираат улогата и значењето на EFSA во системот за безбедност на храна во ЕУ и интеграцијата на земјите кориснички на ИПА. Претставници од АХВ ќе зборуваат за улогата и значењето на АХВ во однос на безбеднсота на хрнатата и храната за животни. Предвидена е и панел дикскусија на која ќе се дискутира за нутритивните потреби и навиките во исхраната, како и за нутритивните и здравствените тврдења.
-Потсетувам дека одговорност за безбедноста на храната имаат сите - од државата која ги креира политиките, создава услови и спроведува контроли до граѓаните како крајни потрошувачи. Не е важно само дали и што ќе јадеме, туку и колку храната на нашите трпези е безбедна. Повеќе од 600 милиони луѓе во светот се разболуваат од небезбедна храна, а за нивно лекување се трошат околу 15 милијарди долари. Од небезбедна храна луѓе и умираат, а нивниот број годишно се движи околу 420 000. Еден од десет луѓе се разболуваат од контаминирана храна секоја година, а повеќе од 200 болести се предизвикани од консумирање небезбедна храна со бактерии, вируси, паразити или хемиски супстанции како што се тешките метали. Овие бројки може да се спречат само кога безбедноста на храната е приоритет, подвлече директорот на АХВ.
Како што беше нагласено на трибината, опасностите од небезбедна храна се реалност, тие не познаваат граници и се дел од големиот синџир на снабдување.
-Од локален проблем, во услови на интензивна глобална трговија, ризиците од небезбедната храна може брзо да прераснат до меѓународна вонредна состојба. За да се спречи ова подготвеноста е клучна пред да се случи неочекуваното. Науката ја дава основата за безбедност на храната, но спречувањето на болестите предизвикани од храна зависат од нашите правилни постапки кои треба да ги преземеме. Ова значи дека секоја од државите се повеќе треба да инвестира во истражување и поддршка на науката, во спроведување програми за идентификување потенцијални ризици од контаминација на храната, обезбедување безбедно ракување, дистрибуција и складирање на храната, како и воспоставување мерки и процедури за континуирана едукација и преквалификација на вработените за најновите безбедносни практики. Во овој контекст исклучително важна е и улогата на потрошувачите кои треба да внимаваат на безбедноста на храната исклучиво како информирани потрошувачи, за што академската јавност, но и институциите треба да вложуваат во едукација на граѓаните уште од најрана возраст, порачаа учесниците на трибината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа