Лефков ги открива првите проекти од историскиот договор со Британија: Брзи возови и нови болници

 


„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ склучува стратешки договор со Обединетото Кралство коешто е трета економија во Европа, шеста економија во светот, нуклеарна сила, постојана членка на Советот на ОН, еден стратешки договор којшто има огромно значење. Има геополитичко значење, затоа што први во регионот, на Балканот, склучуваме ваков договор и не склучуваме со било кој, туку склучуваме со една традиционална, стабилна демократија. Си има свое економско значење и има свое реформско значење“, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на вчерашното гостување на Телевизија 24 во емисијата „Анализа“.

Лефков се осврна на новиот договор за стратешко партнерство со Велика Британија и истакна дека британскиот капитал доаѓа на проверени, високо профилирани и добро обработени проекти.

„Затоа што кога станува збор за британски капитал, сите знаат дека британскиот капитал доаѓа на проверени проекти, високо профилирани и добро обработени проекти. Може да стане збор за институционален развој, ако имате интерес да користите британски средства“, посочи Лефков.

Лефков објасни дека стратешкото партнерство со Обединетото Кралство ќе овозможи модернизација на железничката инфраструктура и информираше дека ќе се изградат нови болници.

„Кога станува збор за инвестиција од 6 милијарди евра, тоа е инвестициски циклус. Она што е сигурно и она што го најави премиерот, тоа значи нови болници, тоа значи завршување на Клиничката болница во Штип, завршување на Клиничката болница во Тетово. Дволиниска железничка сообраќајница на потегот север-југ. Што значи дволиниска? Дека една линија ќе биде за патнички возови што ќе се движат со брзина до 160 км/ч, другата ќе биде за товарен железнички сообраќај со брзина до 120 км/ч, и тие треба да донесат бенефити“, заклучува Лефков.

20.05.2025 - 09:34

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега