Тренчевска до Лефков: Преслушај се уште еднаш, верувам ќе се засрамиш

 

Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, остро реагира на срамната и небулозна изјава на Миле Лефков, кој по два месеци молк излезе со став дека со предлог-законот за поддршка на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани се рушел правниот поредок.
 
„Преслушај се уште еднаш, Лефков, верувам ќе се засрамиш од вакви изјави.“ – реагира Тренчевска.
 
„Закони за интервенција во случаи на вакви трагедии постојат насекаде во светот. Тоа е суштината на законодавството – да се создадат механизми за брза реакција и институционална поддршка за семејствата кои се соочуваат со ваква голгота. Да потсетиме, постои и Закон за бранителите кој предвидува конкретни поволности за одредена категорија граѓани – и никој тогаш не зборуваше за „рушење на правниот поредок“. - пишува на својот Фејбук профил Тренчевска.
 
Таа вели дека очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема ниту чувство за срам, ниту одговорност. Лефков ја отвори вратата, а сега сите по ред од ДПМНЕ ќе ја повторуваат истата мантра.
 
„Ништо не научивте од трагедијата во Кочани. Не само што не понудивте решение, туку не успеавте ниту да се соочите со болката на семејствата, ниту да му помогнете на градот. Наместо поддршка – навреди. Наместо одговорност – политички игри. Дното одамна е пробиено“ - завршува Тренчевска.

 

20.05.2025 - 12:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега