Макрон од Тирана: Вложете во Албанија, за две години е во ЕУ
Францускиот претседател Емануел Макрон од Тирана упати силна порака до странските инвеститори, повикувајќи ги да дојдат и да вложуваат во Албанија, за која изрази убеденост дека „за две години ќе биде дел од Европската унија“.
Изјавата беше дадена на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас, кој има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со големи инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е влезна точка за регионот на Балканот и медитеранскиот басен. Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети“, порача Макрон.
Тој додаде дека премиерот Еди Рама има јасен мандат и посветеност Албанија да ја внесе во ЕУ до 2027 година, а според Макрон, тоа би можело да се случи дури и порано – за две години.
Премиерот Рама, пак, изјави дека неговата земја ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година и дека ако ги завршат сите задачи добро, ќе може да ги затворат преговорите до 2027 година. Ова според Рама би било навистина неверојатно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа