МНР: Мајка и три деца евекуирани од Израел со лет од Тел Авив до Атина
Четири македонски државјани (мајка и три деца), вчера беа евекуирани од Израел со лет од Тел Авив до Атина, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).
Заклучно со денеска, вкупниот број на евакуирани македонски државјани изнесува 12 лица – осум преку Египет со владин авион и четири преку Атина. Најголемиот дел од евакуираните се деца – седум од вкупно 12 лица.
Согласно информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, и имајќи го предвид прекинот на огнот во сила од 24 јуни и стабилизирањето на безбедносната состојба, државјаните кои првично беа подготвени за итна евакуација во моментов го одложуваат своето заминување. Рестрикциите поврзани со конфликтот со Иран се укинати, а училиштата, институциите и продавниците повторно функционираат.
Министерството, преку Амбасадата во Тел Авив, останува во редовна комуникација со сите граѓани кои изразиле интерес да го напуштат Израел, доколку повторно се јави потреба, и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста.
И понатаму останува во сила препораката да се избегнуваат патувања во земјите од Блискиот Исток, наведуваат од МНРиНТ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа