На Додик ќе му биде одземе дипломатскиот пасош на БиХ, има рок од 15 дена да го врати

 

На Милорад Додик ќе му биде одмезен дипломатскиот пасош, кој мора да го врати во рок од 15 ден, потврдил министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ) Елмедин Конаковиќ за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Доколку тој не го испочитува овој рок, Министерството за надворешни работи на земјата ќе ја извести Граничната полиција и дипломатско-конзуларната мрежа дека неговиот пасош е поништен.

Оваа одлука доаѓа откако вчера Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) на земјата за негово разрешување од функцијата претседател на Република Српска.

Централната изборна комисија вчера потврди дека Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрлил жалбата на адвокатите на Додик оценувајќи ја како неоснована, бидејќи изборниот закон на БиХ предвидува дека секој избран функционер правосилно осуден на затворска казна во траење од повеќе од шест месеци, по автоматизам го губи мандатот.

За потсетување, Судот на БиХ во јули правосилно го осуди Додик на една година затвор поради неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит. По ова Централната изборна комисија на земјата му го одзеде мандатот што Додик го доби на изборите во октомври 2022 година.

Според Изборниот закон на БиХ, Централната изборна комисија треба да распише предвремени избори за претседател на РС, кои мора да се одржат во рок од 90 дена. Мандатот на избраниот претседател на РС би траел до општите избори планирани за октомври следната година.

По судската разврска, сега се исполнети условите ЦИК да распише предвремени избори за претседател на Република Српска, кои треба да се одржат во рок од 90 дена.

Инаку, според жалбата, во која РСЕ имала увид, правниот тим на Милорад Додик ја оспорил ретроактивната примена на прекинувањето на мандатот, бидејќи како датум за прекин бил наведен 12 јуни, додека одлуката на ЦИК била донесена на 6 август.

Додик ги отфрли и конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на ЦИК, и најави одржување референдум во Република Српска за крајот на септември со кој, според него, треба да започне процесот на отцепување, односно одвојување на овој ентитет од Босна и Херцеговина.

Адвокатскиот тим на Додик, исто така, побара од Уставниот суд на БиХ привремена мерка со која се забранува извршувањето на пресудата до конечната одлука на Уставниот суд, иако Додик јавно не го признава овој суд.

Неговиот правен тим претходно објави дека обраќањето до Уставниот суд е предуслов за обраќање до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Според конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, Додик е осуден затоа што го потпишал објавувањето на законот, кој претходно беше поништен од високиот претставник Кристијан Шмит, за неспроведување на одлуките на Уставниот суд и Канцеларијата на високиот претставник на територијата на Република Српска.

Претходно, правниот тим на Милорад Додик побара од Судот на Босна и Херцеговина да ја замени едногодишната затворска казна во парична казна, што е можност предвидена со Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, што Судот го прифати.

19.08.2025 - 21:40

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега