За „Макфест“ Вардар го сквернавеле хитот „Признавам" - Росана во одбрана на навивачите
Легендарниот евергрин на Маријана и Росана „Признавам“, изведен на Макфест во 1988. година, деновиве е повторно актуелен како обработка и навивачка химна на ракометниот шампион Вардар.
Обработката е дело на екипа Асови и композиторот Александар Митевски, а е насловена „Вардаре не те оставаме”, а достигна популарност за кратко време, но Макфест се јави со реакција на Фејсбук.
-Не e прв пат хитови од Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, со или без согласност да се користат во маркетиншки цели. Последново такво нешто е божемната химна на „Вардар“. Всушност тоа е песната со наслов „Признавам“ на авторот Тоде Новачевски, а 1988-ма година на сцената на Макфест ја отпеаја сестрите Маријана и Росана. Овој евергрин имаше повеќе преработки во зависност од мотивацијата на тие што сакале да го имаат овој безвременски хит, на своите аудио и видео записи. Сетоа тоа било во рамки на пристојноста. Но, ова е божемната химна на Вардар, е проста вулгаризација и уништување на овој безвременски, макфестовски хит. Песната од лирична-љубовна, е зорле направена да биде божем химнична. Се отишло премногу во невкус, безгранично во уништување на песната, велат од Макфест.
Од друга страна пак, Росана Сариќ Тодоровска вели дека кој како љуби така може да ја пее песната.
-Уште вчера ја видов реакцијата на „Макфест”. Можам да кажам дека се е регуларно. Навивачите страствени на Вардар дојдоа и ме прашаа за дозвола, а знам дека го прашале и композиторот Тоде Новачевски, и од него добиле дозвола. „Признавам” е евергрин за сите времиња и за сите генерации, па се прашувам што има лошо ако сакале да ја направат химна на нашите најдобри ракометари. Таа и како химна на Вардар ќе биде препознатлива и одлична, и пак за сите генерации. Нас ни е чест што песната “Признавам” ја препеале нашите навивачи. И композиторот Александар Митевски направи се што можеше во позитивен контекст и апсолутно помогна, знаејќи дека е добиена дозвола од мене, од Маријана и Тоде, изјави Росана, пренесува ФОКУС.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа