Охрид СОС алармира: Огромен објект никнува во стара чаршија - секој прави што сака
Чаршијата во Охрид го губи својот лик. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива, алармираат од Граѓанската иницијатива Охрид СОС.
„Ако некогаш важеше за специфичен дел на градот, исполнет со занаетчиски дуќани и стари градби, денеска оваа улица скоро сосема го изгубила својот лик и значење. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива. На прстите од една рака се бројат старите градби кои му одолеваат на времето. Денеска тука доминираат ресторани и угостителски објекти кои ја окупирале улицата и за минувачите и велосипедистите оставиле само еден тесен премин. И наместо институциите да диктираат што и како може да се гради, сведоци сме изминативе децении дека тука веќе почнаа да се градат високи објекти со нетипичен стил. Не се применува нити онаа омилена за Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид факсимилна реконструкција“, велат од таму.
Додека „стручната фела“ замижува и се прави наудрена, велат од Охрид СОС, деновиве кон крајот на чаршијата се подигнува еден огромен објект, кој според обемот и големината отскокнува од околните објекти.
„Минатата година, за да започнат градежни работи на овој дел, службите на Општина Охрид исекоа неколку децениски стебла, а од механизацијата е оштетено и партерното уредување. Но ништо од тоа не е важно, ако се знае дека институциите на прво место го ставаат интересот на поединците, наместо јавниот интерес. Објектот е видлив и од страната на паркингот. Додека се предлага градот да формира стручно тело кое ќе комуницира со УНЕСКО, „еден Борд кој ќе го сочинуваат архитекти и други професионалци“ неповратно го губиме културното наследство и специфичните градски четврти“, алармираат од Охрид СОС.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа