Како на филм: Биле евакуирани од Вухан поради коронавирус, а потоа се запознале и заљубиле во карантин
Русија кон почетокот на овој месец евакуираше 140 свои граѓани од кинескиот град Вухан, епицентарот на коронавирусот, и ги премести во карантин на клиниката во сибирскиот град Тјумењ.
Како што наведува порталот “The Moscow Times”, во периодот кога биле изолирани од остатокот од светот, двајца 18-годишни тинејџери – Ина Савинчева и Данил Парфенович се поврзале еден со друг наместо да останат на социјалните мрежи поврзани со пријателите, саканите личности и другите луѓе кои се наоѓаат во карантин ширум светот.
Тие двајца, баш како на филм, се запознале додека го чекале авионот за евакуација на аеродромот во Вухан.
Савинчева работела во Кина како новинарка, а Парфенович студирал таму. Набрзо започнале разговор, откривајќи ја заедничката љубов кон музиката и технологијата, но и хемијата помеѓу нив двајца.
“Ми зборуваше за музика, а јас ѝ зборував за скулптури и убави планови за живот, а во очите нѝ се појавија искри и нашите срца започнаа брзо да отчукуваат кога и да се погледневме”, рекол Данил.
Младото момче навело дека лекарите од карантинот немаат никаква замерка за нивната врска, но бидејќи Ина била изолирана бидејќи се разболела од други болести, Данил во последните неколку дена не можел да ја види, а го поминале разделено и Денот на вљубените.
“Сакавме да бидеме заедно за Денот на вљубените, но за жал не испадна така... Сепак, задоволни сме од сè друго”, рекол 18-годишниот Русин.
Поради здравствената состојба, Савинчева не можела да разговара со новинарите, но се покажало дека е негативна на коронавирусот. Парот очекува да биде пуштен во наредните неколку дена, а Парфенович вели дека планираат да останат во Тјумењ и заедно да го истражуваат градот штом излезат.
Но, не е јасно како би се одвивала нивната врска со оглед на фактот што Ина е со потекло од областа Киров во централна Русија, додека Данил е од сибирскиот град Краснојарск кој е оддалечен околу 3200 километри од нејзиното место на живеење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа