Иванов по трет пат домаќин на Форумот за културна дипломатија

Со сесии посветени за важноста на малите држави и нивниот придонес во културната дипломатија и улогата на уметноста како алатка во дипломатијата, вчера во Скопје успешно се заокружи третиот Форум за културна дипломатија кој се одржа од 19-21 мај 2025 година и кој оваа година беше под мотото „Одржлив развој и културна дипломатија – Поттикнување глобални партнерства“.
Форумот, кој е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, собра на едно место истакнати државници, дипломати, експерти и културни чинители од целиот свет.
Првата сесија се одржа во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, каде домаќин беше министерот Тимчо Муцунски кој заедно со поранешниот претседател д-р Ѓорге Иванов го отворија форумот. Тие во своите обраќања ја потенцираа важноста од одржувањето на ваков вид на собири и улогата на културната дипломатија во актуелните глобални текови. Со свои поздравни говори се обратија и Претседателот на Извршниот одбор на Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, Иван Иванов, и Директорот на Институтот за културна дипломатија од Берлин, Марк Донфрид.
На првиот панел учествуваа и поранешните претседатели на Чешка, Вацлав Клаус, на Албанија, Реџеп Мајдани, поранешните министри за надворешни работи на Финска, Ерки Туомиоја, на Хрватска Миро Ковач, а во дискусијата се вклучија и дел од присутните гости.
Во рамки на Форумот Муцунски и Иванов потпишаа и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите.
Особено внимание привлече тркалезната маса во Собранието на тема „Иднината на демократијата во фрагментиран свет“, која ја отвори и модерираше претседателот на Собранието, Африм Гаши. На оваа сесија свои согледувања имаше поранешниот претседател Иванов, кој ја истакна важноста на политичката стабилност и лидерството во турбулентни времиња, но и важноста на транспарентноста за да може да имаме силни и стабилни институции. Свои обраќања имаа и Ранко Кривокапиќ, поранешен претседател на Парламентот на Црна Гора и Министер за надворешни работи, Тасмина Ахмед-Шеик, поранешната пратеничка во британскиот парламент, Давор Филиповиќ, поранешен министер за економија и одржлив развој на Хрватска, Делиа Доминго Алберт, поранешна министерка за надворешни работи на Филипините, Саранда Имери Стафаи, претседателка на Kомисија за култура и туризам во македонското Собрание, како и нејзините членови Велика Стојкова-Серафимовска и Бобан Карапејовски.
Во текот на вториот ден се одржа тркалезна маса во Вила Водно под покровителство на македонската претседателка, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, каде беше отворена дискусија за улогата на малите држави во глобалниот мултилатерализам. Во својот говор претседателката Силјановска-Давкова истакна дека како пратеник учествувала и на првиот Форум за културна дипломатија и дека ѝ е особено драго што денеска е домаќин на третиот форум. „Време е културата да го добие вистинското место во дипломатијата, а впрочем тоа е и токму она што вие го правите со оваа иницијатива“, истакна Силјановска-Давкова.
Поранешниот претседател на Македонија проф. д-р Ѓорге Иванов потенцираше дека културата не гради ѕидови, туку мостови. Тој потенцираше дека е време да се совлада менталитетот дека малите држави се немоќни, и дека тие треба да се вмрежат во мултилатерални и регионални институции.
Говорниците, меѓу кои и поранешниот претседател на Република Чешка, Вацлав Клаус и Розета Епифани, како виш експерт од Италија ги споделија своите експертски гледишта на оваа тема.
„Генералното собрание на ООН е единствената платформа каде малите држави се еднакви со големите“, потенцираше поранешниот претседател на Генералното собрание на ООН, Волкан Бозкир, истакнувајќи ја важноста на оваа институција.
Во својот говор, Хенри Џонс, советник на државниот секретар на државата Арканзас, ја потенцираше важноста на културата и идентитетот, особено за малите држави.
Форумот се заокружи во Музејот на македонската борба на панел дискусија насловена „Уметноста како алатка за дипломатија: Градење мостови преку културата“. Сесијата беше отворена од страна на Зоран Љутков, Министер за култура и туризам, кој во своето воведно обраќање ја нагласи моќта на уметноста како средство за поврзување и дијалог меѓу различни култури и нации.
Говорниците, меѓу кои Абдулазис Отман Алтваиџри, поранешен Генерален директор на ИСЕСКО, Бенедето Закироли, претседател на Европската коалиција на градови против расизмот, Пенг Гуан, основач на Меѓународното азиско културно друштво, и Мелпомени Корнети, поранешен заменик министер за култура и поранешен амбасадор, споделија свои искуства и размислувања за улогата на уметноста како клучна алатка за културна дипломатија и градење мостови меѓу заедниците.
Гостите на форумот имаа можност да ги видат и убавините на скопската чаршија како и да се запознаат со дел од македонската историја и култура со прошетка низ Музејот на македонската борба за самостојност и разгледување на изложба и концерт на камерниот ансамбл Консонанс во Музејот за современа уметност.
Третиот Форум за културна дипломатија остави силна порака за важноста на културата како мост за разбирање, соработка и мир во светот. Во текот на овие неколку дена, учесниците од различни делови на светот споделија искуства, визии и стратегии за тоа како културната дипломатија може да надмине многу предизвици и да ги обедини луѓето.
22.05.2025 - 09:50
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа