По повеќе од четири години, лекарски уверенија ќе се издаваат во дебарската болница
По повеќе од четири години, од 4 јули во Општата болница со проширена дејност во Дебар, ќе почне да функционира Комисијата за издавање лекарски уверенија за возачи.
-На задоволство на граѓаните можам да соопштам дека по повеќе од 5 месеци интензивни активности, во Дебар повторно ќе функционира Комисијата за лекарски уверенија за возачи. Оваа комисија беше многу важна за сите, а се враќа по повеќе од 4 години, при тоа исполнувајќи ги сите барања на Министерството за здравство за доделување на оваа дозвола, нагласи во изјава за МИА директорот на болницата, Мерсим Колеци.
Комисијата ќе заседава еднаш неделно и веќе од овој петок во 9 часот сите заинтересирани можат да се дојдат во просториите на болницата за да ги извршат потребните прегледи.
-Јас лично ја презедов обврската дека, ќе го направам невозможното за да ја постигнам целта, и успеав. Покрај другото, обезбедивме кадар кој ни недостигаше, специјалисти по ОРЛ и психијатар од Струга, невролог од „Дебарски Бањи-Цапа", додека другиот кадар е од нашата болница, рече тој.
Ваквата вест ја поздравуваат жителите не само од Дебар туку и од соседните општини, кои досега за лекарско уверение мораа да патуваат до Струга или други градови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа