Нов пресврт, царините на Трамп остануваат во сила
Царините што ги воведе администрацијата на Доналд Трамп, а кои претходно оваа недела беа укинати од Трговскиот суд на САД, привремено ќе бидат вратени додека трае жалбената постапка низ судскиот систем, одлучи Сојузниот жалбен суд.
Одлуката доаѓа откако панел од тројца сојузни судии заклучи дека Трамп ги надминал своите овластувања со воведувањето на глобалните царини, повикувајќи се на закон што овозможува итни мерки во надворешнотрговската политика.
На почетокот на годината Трамп воведе универзална царина од 10 отсто за речиси сите увозни производи. Најави уште повисоки стапки за земји како Мексико, Канада и Кина. Ги прошири таканаречените индустриски тарифи со дополнителни 25 отсто за челик, алуминиум и автомобили.
Трговскиот суд пресуди дека претседателот нема законско овластување да наметнува огромни тарифи врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби (IEEPA). Пресудата не вклучува индустриски царини, кои почиваат на друга правна основа.
Белата куќа веднаш поднела жалба, а Апелациониот суд за Федералното подрачје одобри привремено задржување на пресудата:
„Барањето за привремено одлагање се уважува до степен до кој пресудите и трајните забрани на Стопанскиот суд се привремено прекинати до дополнително известување, додека овој суд го разгледува жалбениот предмет“, се вели во одлуката.
Тоа значи дека тарифите на Трамп остануваат во сила додека трае процесот на жалба.
Иако привременото враќање на тарифите е победа за Белата куќа, правната битка е далеку од завршена. Одлуката на судот за привремената суспензија не го прејудицира конечниот исход, но му дозволува на Трамп да задржи инструмент за трговски притисок додека трае правниот процес.
Питер Наваро, еден од најблиските економски советници на претседателот Доналд Трамп, ја коментираше оваа одлука набргу по нејзиното донесување и рече – „Трифната агенда на Трамп не успорува, без оглед на правните пречки“.
Говорејќи откако Апелациониот суд привремено ги врати тарифите претходно укинати од Трговскиот суд, Наваро рече дека Белата куќа е подготвена да оди пред Врховниот суд за да ја брани уставноста на своите трговски политики.
„Подготвени сме да одиме понатаму во ланецот“, рече Наваро, јасно укажувајќи дека Врховниот суд останува клучна фаза во одбраната на овластувањето на претседателот да наметнува тарифи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа