ОЈО бара нови 48 часа притвор за четворицата осомничени во истрагата за Трубарево

 

Предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа за четворицата сопственици и управители на фабриката за електронски отпад во скопско Трубарево достави Основото јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до Кривичниот суд. 

Вчера Кривичниот суд им одреди краткорочен притвор од 48 часа, откако претходната вечер беа спроведени пред судија на претходна постапка.

Според Обвинителството, станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице.

Од ОЈО Скопје информираат и дека утре треба да започне увидот на лице место во однос на причините за пожарот, како и дека увидните екипи на терен ќе ги координира јавен обвинител.

„Екипи на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје по наредба на јавен обвинител и денеска излегоа на лице место со цел преземање дејствија и прибирање определени докази потребни во однос на постапката за загрозување на животната средина со отпад“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Оттаму додаваат и дека се преземаат повеќе дејствија за обезбедување и анализа на документација за овој случај.

16.09.2025 - 14:23

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега