Општина Аеродром целосно забрани изградба на асфалтни и бетонски бази

 


На предлог на в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, Советот на својата последна седница донесе одлука со која се забранува планирање и изградба на градежни елементи, погони и бази за производство на асфалт и бетон на нејзината територија, информираат од Општината.

Со оваа одлука за целосна забрана за асфалтни бази, нагласуваат, се ограничува загадувањето на животната средина.

-Ова е црвена линија што ја повлекуваме во името на сите генерации што живеат и ќе живеат во Општина Аеродром, која е пример за модерно, еколошко и одговорно урбано живеење, изјави в. д. градоначалникот Дејан Митески.

Со стапувањето на сила на одлуката, ниту еден урбанистички план нема да може да предвиди асфалтна или бетонска база, ниту ќе се дозволи изградба на погони за производство на градежни производи што претставуваат ризик за животната средина.

-Здрава, зелена и безбедна општина за сите останува наш приоритет, велат од Општина Аеродром.

30.05.2025 - 15:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега