Предлог до компаниите исплатата на солидарниот данок да се изврши во две рати, Мицкоски вели дека понудата е фер
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека врз основа на проекција што нема да ја загрози ликвидноста на Буџетот до компаниите е доставена фер понуда за начинот на враќањето на солидарниот данок што го воведе претходната влада, но Законот за оваа давачка беше поништен од Уставниот суд. До компаниите е доставен предлог исплатата на солидарниот данок да се изврши во две рати – во март 2026 и март 2027 година. Доколку правните лица не се согласат, ќе се изнајде друг соодветен модел на повеќе рати (до пет), со почеток од март 2026.
Мицкоски, во одговор на новинарско прашање, денеска рече дека има компании што прифаќаат и поинакви услови и оти се различни впечатоците. Изрази жалење што, како што рече, „поради законодавството и актуелната гарнитура во Судскиот совет и во Обвинителството не одговраат тие што душмански трошеле народни пари“.
- Да, изминатиот период се преговараше и се остварија состаноци со голем дел од компаниите. Таква била среќата јас би рекол и покрај тоа што тогаш од опозиција најголем дел од јавноста апелираше да не се однесуваат така насилнички како што се однесуваше претходната Влада и антиуставно и спротивно на закон, тие не слушаа. Мене ми е жал што ни е такво законодавството и оваа гарнитура во Судскиот совет и Обвинителството која не повикува никого на одговорност. Та се сепак народни пари, ваши пари, вие ќе треба да ги враќате парите што некој ги трошел на незаконски и неуставен начин, рече Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа