Предлог законите за вработените во јавниот сектор и административните службеници го поминаа комисискиот филтер

 

Министерот Горан Минчев во своето обраќање од говорницата ги образложи Предлог законите пред присутните членови на Комисијата. Тој рече дека промени во јавната администрација се потребни веднаш.

-Јас сакам да упатам јасна порака, а тоа е главната порака на овие три главни законски решенија, тоа е нешто не тишти сите нас, а тоа е дека промени во јавната администрација се потребни веднаш. Морам да истакнам дека сум прилично задоволен од овој процес, не беше затворен во кабинет, беше инклузивен транспарентен со активно вклучување на сите засегнати страни. Тука мислам на институциите, здруженијата, академската заедница, синдикатите и сите институции кои произлегуват од локалната самоуправа, истакна Минчев.

Министерот рече дека биле слушнати сите предлози и забелешки пред да биде усвоена содржината.

-Законот за вработени во јавниот сектор предвидува јасна процедура за вработувања врз основа на реални компетенции, а не партиски и вработувања со врски. Централизација и дигитализација на сите огласи. Строги ограничувања со што го прекинуваме партискиот хаос со вработувања, специјализирана категорија за ИТ кадарот со повисоки плати и современи услови за работа за да ги задржиме младите во земјата. Поедноставување на плановите за вработување и систематизација, рече Минчев.

Воведуваме, додаде, мобилност и фер процес на унапредувања врз основа на заслуги и јасни критериуми, овозможуваме целосна транспарентнот и контрола на вработувањата.

-Во Законот за административни службеници е предвидено воведување на систем на вработувања со електронски тестови и практични проверки, Агенцијата за аминистарцијата како интегрален дел од министерството ќе гарантира фер и транспарентен изборен процес, дигитализиран достапен за јавноста и процес кој ќе се снима, задржување на млади таленти со хибриден и далечински модел на работа подржан со менторство. Додека во Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници треба да се овозможи усовршување кое го прави учењето да биде задолжително и континуирано. Тоа за нас е многу важно бидејќи произведуваме се помалку стручни, образовани и ефикасни кадри, посочи Минчев.

Сметаме, рече тој, дека создавањето на Академијата за администрација е централен орган во министерството и дека ќе биде мотор на развој на најсовремените европски практики. Исто така во оваа академија предвидуваме вклучување на искусни административци како обучувачи со мотивација и финансиска награда.

-Тоа значи дека ќе ја третираме секоја област посебно и ќе има можност од секоја институција да вклучуваме експерти. Ова накратко се главните промени, однсоно столбови кои се предвидени во овие три законски решенија, зашто јавната администрација е клучна за постоењето на една држава, појасни Минчев.

Членовите на Комисијата не се пријавија за збор, по што гласаа и ги пуштија предлозите на понатамошни читања во Собранието.

23.06.2025 - 15:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега