Работна средба на Јавното обвинителство и ДКСК во пресрет на локалните избори

 

Јавниот обвинител на Република Македонија, Љупчо Коцевски, претседателот на Комисијата во Јавното обвинителство за следење на евентуални изборни нерегуларности Џељаљ Бајрами и јавните обвинители во ЈОРМ Анита Тополова Исајловска и Елвин Вели денеска остварија средба со претставници на Државната комисија за спречување на корупцијата предводени од в.д. претседателката на тоа тело Цвета Ристовска, во насока на координација на активностите пред претстојните локални избори.

На средбата, како што соопштија од Јавното обвинителство, државниот обвинител Коцевски ги информирал претставниците на ДКСК за составот, надлежностите и активностите на Привремената комисија задолжена да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.

Покрај обвинителот Бајрами како претседател, Комисијата ја сочинуваат уште пет члена, односно по еден јавен обвинител од сите виши јавни обвинителства, како и еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје како основно обвинителство кое покрива најголемо подрачје.

Претставниците на ДКСК на средбата информирале за нивните активности во однос на изборите, согласно законските надлежности на антикорупциската комисија.

Воедно, на средбата станало збор и за процесот на планирање на активностите кои треба да бидат опфатени во новата Национална стратегија за спречување на корупцијата.

16.09.2025 - 18:52

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега