Случајот „Штекли“: Вешто лице тврди дека обвинетиот е психотичен

 


На денешното рочиште за случајот „Штекли“, пред Основниот кривичен суд Скопје, сведочеше вештото лице на одбраната, Ѓорѓија Хаџи Ангелковски, кој даде психијатриска проценка за обвинетиот Раде Трајковски – Штекли, осомничен за учество во организирана продажба на дрога, проценувајќи го како психотичен.

Хаџи Ангелковски го посетил Трајковски во затворот „Скопје“, каде интервјуто, како што рече, траело подолго од вообичаено. Во своето сведочење, тој истакна дека состојбата на обвинетиот е значително променета во однос на претходното вештачење кое го извршил пред седум до десет години, кога кај Трајковски била констатирана епилепсија.

-Не е тоа истата личност која што ја видов сега во затворот, изјави Хаџи Ангелковски, нагласувајќи дека кај обвинетиот се забележуваат психотични состојби со шизофрени карактеристики.

Според вештото лице, Трајковски покажува верување во реинкарнација и тврди дека е воден од „учител“ кој го пренесува од тело во тело. Дополнително, тој верува во фиктивна личност која „му наредува што да прави и како да постапува“.

-Не се работи за здрава личност која имитира лудак, потенцираше Хаџи Ангелковски, додавајќи дека обвинетиот е студен, афективно неангажиран, раздразлив и параноиден – поставил камери дома и е убеден дека е следен.

Одбраната тврди дека Трајковски не е во состојба да ја следи судската постапка, додека обвинителството останува на ставот дека тој е апсихотичен и способен за учество во расправата. 

На прашање на судот дали „Трајковски е тотално „вон себе“, вештото лице одговори не.

Судењето продолжува на 5 септември со сведочење на вештите лица на предлог на обвинителството.

Судијата Илија Трпков најави дека ќе ги соочи вештите лица од двете страни пред да донесе одлука дали ќе се прифати едно од вештачењата или ќе се нареди ново.

Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која биле применети посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.

На претходното рочиште, исто така, четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – поднесоа предлог за признавање вина, по што судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.

Според обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, донација од САД.

03.09.2025 - 16:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега