Училиштата да не доделуваат парталави учебници, МОН ќе ги замени со нови
Наместо училиштата да им делат парталави и неупотребливи учебници на учениците, треба да ги пријават во електронскиот систем на Министерството за образование и наука и истите ќе бидат заменети со нови пред почетокот на новата учебна година. За оваа намена обезбедени се буџетски средства и нема потреба да ги разочаруваме ниту учениците, ниту нивните родители кои оправдано реагираат до министерството дека нивните деца добиваат учебници без корици и искинати страници.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната прес конференција посветена на набавката на учебници за основци и средношколци за новата учебна 2025-2026 година. „Овој предизвик воопшто не треба да постои. Секое училиште има комисија за учебници која лесно може да процени дали еден учебник може или не може да се употребува и тоа што не е за употреба, не смее да се враќа во библиотечниот фонд и потоа некому да се доделува. Треба да се извести Педагошката служба при министерството и потребниот тираж ќе биде надополнет“, рече Јаневска, изразувајќи очекувања за поголема ажурност на членовите на училишните комисии за учебници. Потсети дека учебниците од прво до трето одделение секоја учебна година се печатат во полн тираж, па така ќе биде и оваа, со оглед дека станува збор за таканаречени „работни учебници“ кои содржат материја што се пополнува со пишување, боење и сечење.
„Нови учебници со надградена содржина ќе има и за седмо одделение, затоа што од септември започнува примената на нови наставни програми. Се сеќавате дека ја модифициравме Kонцепцијата за основно образование на претходната Влада, која предвиде интегрирање на предмети како историја и географија, хемија и физика во седмо. Ги одвоивме, на барање на пошироката јавност, а најмногу на барање на наставниот кадар и затоа имаме нови наставни програми и нови одобрени учебници кои наскоро влегуваат во процес на печатење“, рече Јаневска. Министерката информираше дека за прв пат после шест години, учениците во основните училишта ќе имаат учебници по сите странски јазици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа