Васил Јованов повторно пред суд – овојпат за обвинение за трговија со дрога

 

Васил Јованов, кој пред извесно време беше осуден на 12 години затвор за смртоносното прегазување на 24-годишната Фросина Кулакова на пешачки премин, денеска повторно се појави пред суд – но по друго обвинение.

Станува збор за постапка што се води пред Апелациониот суд во Скопје, поврзана со обвинение за недозволена трговија со наркотични средства. Обвинителството поднесе жалба на пресудата на Основниот суд, кој претходно го прогласи Јованов за виновен и му изрече затворска казна.

На денешната јавна седница во Апелација присуствуваше и неговиот бранител, кој се противи на евентуално зголемување на казната. Од страната на Обвинителството, предметот го застапува вишата обвинителка Фатиме Фетаи.

Јованов е обвинет дека бил дел од мрежа за дистрибуција на дрога. Првично, како постар малолетник, му беше изречена воспитна мерка. Подоцна, Апелациониот суд ја преиначи пресудата и му изрече затворска казна од 3 години и 10 месеци. Сепак, Врховниот суд ја укина таа одлука, со образложение дека не била одржана јавна седница, со што обвинетиот бил оневозможен да се брани.

Сега, предметот повторно се разгледува пред Апелациониот суд, каде се очекува конечна одлука за казната по ова обвинение.

11.06.2025 - 10:41

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега