17 кандидати за Народен правобранител, предложен само еден: Опозицијата реагира за нетранспарентност
Собраниската Комисија за прашања на избори и именувањата денеска ја утврди одлуката Фатон Сељами да биде избран за нов Народен правобранител, на местото на Насер Зибери кој замина во пензија. Комисијата ќе ја проследи предлог-одлуката до Собранието.
На огласот се пријавиле вкупно 17 кандидати. Пратеникот на Коалицијата ВРЕДИ, Беким Ќоку, го предложи Сељами, истакнувајќи го неговото долгогодишно искуство во областа на човековите права, вклучувајќи ја и работата во канцеларијата на Народниот правобранител и Министерството за правда.
Сепак, пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, изрази критика за нетранспарентниот и брз процес. Таа нагласи дека се знаело за условите за пензионирање на Зибери и дека процедурата можела да започне порано. Лукаревска смета дека јавна расправа со сите 17 кандидати би била потранспарентна и посоодветна.
Пратеничката на Европскиот фронт, Арбана Пашоли, ја обвини Комисијата за притисок и замолчување на опозицијата, додека Илире Даути од Алијанса за Албанците истакна дека изборот на кандидат не треба да се базира само на предлог од политичка партија, туку на професионални аргументи. Во знак на протест, пратениците од „Европскиот фронт“ ја напуштија седницата.
Народниот правобранител се избира на мандат од осум години, со можност за уште еден избор. Кандидатот мора да биде дипломиран правник со над 9 години работно искуство, чија активност во областа на заштита на човековите права е докажана и ужива углед.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа