Димитриеска-Кочоска: Заедно со ОН креираме нови можности за унапредување на соработката и поддршката на развојот на земјата
Министерството за финансии и Канцеларијата на ООН во земјава денеска организираа финансиски дијалог на кој пред амбасадори и меѓународни институции го претставија новиот концепт за финансирање на заедничките активности, кој претставува нов начин на унапредување на соработката на земјава со ООН.
„Соработката помеѓу нашата земја и ОН е дефинирана преку Рамката за соработка за одржлив развој, а овој настан е само дополнителен придонес во реализација на дефинираните стратешки приоритети кои ќе бидат во фокусот на заедничката работа со ОН и изнаоѓање поефикасни и потранспарентни начини на финансирање и градење долгорочно партнерство. Овој настан претставува можност да се запознаеме со еден нов начин на унапредување на нашата соработка во веќе воспоставеното партнерство и зголемување на ефикасноста во реализацијата на поставените развојни цели,“ истакна министерката за финансии.
Таа додаде дека со поддршка на ОН, преку Програмата за развој на ОН – УНДП и во соработка со другите агенции на ОН, креирана е Национална развојна стратегија 2024-2044 која го трасира нашиот иден развој и која содржи сериозни чекори за наша трансформација и градење на просперитетно и развиено општество.
„Цврсто стоиме на курсот на реализација на таквата трансформација и остварување на развојна визија, а во тој контекст се и партнерствата што ги гради и со меѓународните институции како што е со ОН, со Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд и слично, но и со партнерствата со ЕУ преку новиот План за раст и Реформската агенда, како и билатералните договори. Клучно е дека имаме визија, имаме концепт и силна волја и посветеност да ја оствариме, а во тоа е многу значајна и вашата поддршката и нејзиниот континуитет“, порача министерката Димитриеска-Кочоска, која воедно се заблагодари за досегашната континуирана.
„Денеска разговаравме за Договорот за финансирање на ОН и како да ги спроведеме во пракса глобалните обврски на земјите-членки на ОН и Системот за развој на ОН во рамките на националниот контекст на Северна Македонија, истакна постојаната координаторка на ОН во земјава Рита Колумбија.
Целта, како што рече, е да се осигура што поефективна и поефикасна поддршка од ОН, во корист на сите луѓе во земјата, без некој да биде изоставен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа