Побрзајте аплицирајте - државата дава по 10 000 евра, голем број пријавени
Повеќе од 3.200 невработени лица досега се пријавиле за мерката за самовработување, информираше заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, за време на работна посета во општина Неготино. Таму, пред заинтересирани граѓани, беше презентиран Оперативниот план за вработување за 2025 година.
Ристески ги охрабри сите невработени, особено младите до 29 години, да аплицираат за една од најатрактивните мерки – самовработување – чија примена трае до петок, 20 јуни.
„Ги повикувам креативните граѓани од Неготино да ги споделат своите бизнис идеи. Се надевам дека многу од нив ќе станат реалност преку оваа мерка“, изјави тој.
Заменик директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова, нагласи дека Оперативниот план е клучен за инклузивен и одржлив пазар на труд, додека в.д. директорката на Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Даниела Димовска, ги објасни чекорите што секој кандидат треба да ги спроведе за основање на бизнис.
Настанот беше дел од промотивната кампања за мерките од Оперативниот план за 2025 година, кој предвидува рекордни 40 милиони евра – најголем досега – со акцент на младите.
Објавени се три јавни повици:
- За лица над 29 години: финансиска поддршка до 430.500 денари (7.000 евра) за 610 лица.
- За млади до 29 години: поддршка до 615.000 денари (10.000 евра) за 720 лица.
- За самовработување во партнерство (ДОО): поддршка од 861.000 до 1.230.000 денари за 400 лица, од кои 220 се млади.
Сите избрани кандидати ќе добијат обука за претприемништво, изработка на бизнис-план преку ваучер систем и поддршка при регистрација на фирмата. Крајниот рок за аплицирање е 20 јуни 2025 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа