Филков до СДСМ: Вие сте последни кои треба да зборуваат за реформи во правосудството
СДСМ е последна партија што има право да зборува за реформи во правосудството. Од страна на СДСМ денес повторно слушнавме празна политичка реторика, препакувана во обвинувања кои немаат никаква врска со реалноста. Иронично е токму партијата која со децении го партизираше правосудството, и преку инсталирани кадри, и преку клиентелизам, и преку селективна правда, денес да се претставува како борец за реформи, вели во реакцијата на прес - конференцијата на СДСМ, министерот за правда Игор Филков.
Според Филков, наводите за „доцнење“ се целосно неточни. Напротив, посочува во реакцијата, реформската агенда се реализира согласно планираната динамика, а дел од законите веќе се на ЕНЕР, во фаза на јавна консултација.
- Министерството за правда не носи закони набрзина во интерес на поединци, одредени фамилии или интересни групи ниту по налог на партиски штабови. Предлог законите се подготвуваа преку сериозна анализа, консултација со експерти и усогласување со меѓународните стандарди. Министерството за правда, во координација со Владата, интензивно работи на имплементација на реформската агенда и стратегијата за правосудството (2024–2027). Сите реформски закони кои се подготвуваат се темелни, инклузивни и усогласени со препораките од ЕУ . Закони не се носат за ПР ефект, туку за системска промена, нешто што СДСМ очигледно не го научи иако имаше шанса, се вели во денешната реакција од министерот Филков.
Во врска со законите за Јавното обвинителство, Судскиот совет, судската служба, платите на јавните обвинители, информира дека тие веќе се ставени на ЕНЕР и истите се во финална процедура.
Филков најави дека во план и подготовка се и Предлог законите за судски буџет, за Советот на јавни обвинители и за јавнообвинителска служба, како и измените на Изборниот законик, со поддршка на ОДИХР, потоа и закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители, и јавно обвинителската служба, Закон за помилување, за вештачење, за нотаријат, за извршување, за пробација, за извршување на санкции, за конфискација на имот во граѓанска постапка и закон за заштита на лични податоци.
Во однос на Изборниот законик, Филков нагласува дека Министерството за правда ги започнало подготовките, но без поддршка од политичките чинители и без консензус, додава, неговото донесување не може да се реализира.
- Ќе следат разговори на политичките субјекти. За првпат имаме сериозен пристап во кој се вклучени сите чинители – експерти, меѓународни партнери и граѓанскиот сектор, стои во реакцијата од Филков.
Што се однесува до наводната „конструктивност“ на СДСМ, пишува во реакцијата од министерот за правда, таа завршува онаму каде што почнува лицемерието.
- Ако навистина имаат конструктивни предлози, ќе ги достават во време и со добра намера, а не ќе ги користат како алатка за прес-конференциски спинови. Нам , што немаме резервна држава, ниту златни визи, целта ни е да направиме трајна и праведна реформа затоа што Македонија е се што имаме. Го повикувам СДСМ наместо со демагогија да се позанимаваат со давање на искрени одговори -како се набавуваат златни визи и колку истите чинат!, стои во реакцијата од министерот Филков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа