Лефков: СДС повторно нанесува штета на Македонија вклучувајќи се во деструктивните операции спроведувани од бугарските служби

 


„Имаме основано сомнение, поткрепено со точни информации и факти, дека во моментов се води координирана и насочена операција на дискредитација против Република Македонија, против Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и лично против премиерот Мицкоски“, изјави денеска Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Лефков тврди дека оваа операција се спроведува со употреба на класични хибридни методи: ширење лажни информации, конструирани афери, фабрикувани документи, лични и семејни дискредитации, како и злоупотреба на човечки трагедии и економски инсинуации.

Според ВМРО-ДПМНЕ, сите овие активности, кои се засилуваат по секој пораз на бугарската дипломатија во европските институции, се водат од мрежа на медиумски портали во Бугарија, зад кои стојат структури на бугарските служби и блиски кругови до националистичките партии. Во оваа мрежа се вклучени портали како Tribune.bg, Lupa.bg, Epicenter.bg, Pogled.info, како и стотици т.н. „mushroom“ веб-страници кои секојдневно сериски продуцираат лажни вести.

 

Сомнежите за постоење на такви дезинформациски мрежи се веќе документирани и од меѓународни извори. Лефков го спомна извештајот на DFRLab (Digital Forensic Research Lab), кој разобличи мрежа од стотици координирани портали со потекло од Бугарија, користени за ширење антизападни и антимакедонски наративи. Според нивниот извештај, тие функционираат преку субдомени и синхронизирани Facebook страници, со цел поддршка на агенди кои се косат со вредностите на демократијата, стабилноста и евроатлантскиот курс.

„Дел од овие содржини, за жал, ги преземаат и портали во Македонија блиски до СДС, а некои завршуваат и во традиционалните медиуми“, нагласи Лефков.

 

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека оваа координирана операција нема идеолошка основа, туку е мотивирана од реваншизам и од очајот на бугарската политика што веќе ги нема своите „полтрони во Македонија“.

„Денес, кога Македонија има стабилна Влада и јасен став, станува јасно дека нема веќе бизниси, пасоши и тајни договори во замена за уставни промени и историски откажувања“, изјави Лефков. Тој додава дека по осудата на бугарските позиции во Европскиот парламент, активирана е старата мрежа на дискредитација.

Очигледна е и, според него, улогата на СДСМ, која „наместо да се дистанцира од ваквите деструктивни операции, продолжува да учествува во нив со замислата дека ако ѝ наштети на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се врати на власт. Но вистината е една: со ваквите постапки, СДС ѝ нанесува директна штета на Македонија.“

Лефков заклучи: „Се здружија сите домашни предавници, штом Бугарија доживеа тежок пораз во АФЕТ! Прво се појави Апасиев. Не им успеа! Па следуваше ново подбуцнување: Жерновски да биде полигонот преку кој ќе ја започнат новата тура на лаги против премиерот и Македонија. Но, нема да им успее. Македонскиот народ знае кој се бори за него, а кој тргува со туѓи агенди.“

Тој додаде дека „тие што ја предадоа и ја продадоа државата, сега, со истиот тој ѓон од образ со кој не потпишаа и не понижија, се осмелуваат да зборуваат за пасоши, против оној кој денес со сите сили се обидува да го заштити она што тие го уништија.“

 

ВМРО-ДПМНЕ апелира до јавноста, медиумите и институциите да ја сфатат сериозноста на оваа операција. „Ова не е борба против една партија, ова е безуспешен напад врз македонскиот идентитет, врз суверенитетот и врз правото на самостојна надворешна политика“, заврши Лефков.

19.07.2025 - 12:25

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега