Американски сенатор бара да се ограничат овластувањата на Трамп за напад врз Иран

 

Сенаторот од Демократската партија Тим Кејн поднесе предлог-закон со кој се бара претседателот Доналд Трамп да не може да започне воени дејствија против Иран без претходна согласност од Конгресот.

Кејн, сенатор од Вирџинија, со години се залага за враќање на конгресните овластувања за објавување војна. Во 2020 година, при првиот мандат на Трамп, тој внесе слична резолуција, која беше изгласана и во Сенатот и во Претставничкиот дом, но не го надмина претседателското вето.

Новиот предлог-закон нагласува дека според Уставот само Конгресот може да објави војна и бара секој чин на воена агресија против Иран да биде формално одобрен.

– Не е во интерес на националната безбедност на САД да влеземе во војна со Иран, освен ако тоа не е апсолутно неопходно, изјави Кејн.

Законодавството за воени овластувања во САД има „привилегиран статус“, што значи дека Сенатот мора брзо да го разгледа и стави на гласање.

Во меѓувреме, израелската армија започна офанзива со цел уништување на иранските нуклеарни и ракетни капацитети, додека Иран возврати со ракетни напади. Нападите продолжуваат, со жртви меѓу цивилното население, зголемувајќи ги стравувањата од поширок регионален судир.

Трамп ја пофали израелската офанзива, отфрли дека САД директно учествуваат во акциите, но го предупреди Техеран да не презема одмазднички акции врз американски цели.

– Се надевам на договор. Понекогаш мора да се води борба, но ќе видиме што ќе се случи, изјави Трамп пред заминувањето на самитот на Г7 во Канада

16.06.2025 - 13:20

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега