Предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство утре пред Собранието
Собранието утре во рамки на 54. седница треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство. На седницата, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Предлог-текстот за Алиу доставен од Владата и потпишан лично од премиерот Христијан Мицкоски, ја содржи биографијата на кандидатот. Во неа се наведува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставеното ЦВ, бил и на други високи и одговорни позиции.
Мицкоски минатата недела во изјава за медиумите рече дека очекува добра соработка со Алиу во рамки на Владата. Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити смета дека Алиу е најдобар предлог за министер за здравство. Министер, како што рече неодамна Меџити, треба да биде добар менаџер кој го познава системот и кој може да придонесе за подобрување на ресорот.
Алиу е дел од Алијансата за Албанците која останува во Вреди по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
И предлогот за Хоџа да биде заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство е потпишан од премиерот Мицкоски. Во биографијата на кандидатот се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа