Денеска нов хорор во Грац: Ден по масакрот евакуирани уште едно училиште и градинка

 


Еден ден по најлошиот масакр во училиштата во австриската историја, во кој 21-годишен поранешен ученик во средното училиште „БОРГ Драјершуценгасе“ во Грац уби десет лица, а потоа се самоуби, австриските власти повторно интервенираа во истиот град.

Основното училиште „Тристер“ во округот Гриз беше евакуирано денес, заедно со блиската градинка поради сомнителен предмет.

Полицијата потврди дека пред училиштето е пронајдена сомнителна торба, што доведе до евакуација. „Операцијата е сè уште во тек“, соопшти полицијата. Се истражува дали предметот претставува реална закана.

Во евакуацијата учествуваа неколку стотици деца и нивните семејства. „Многу деца веќе се однесени дома, а останатите се добро згрижени. Сè е многу добро организирано“, соопшти канцеларијата на градскиот советник за образование, Курт Хоензинер.

Иако сè уште не е познато дали овој инцидент е поврзан со вчерашниот напад, властите не ја исклучуваат можноста за поврзаност. Полицијата е во состојба на зголемена готовност.

Во вторникот, 21-годишниот поранешен ученик Артур А. отвори оган во гимназијата „БОРГ Драјершуценгасе“, убивајќи девет ученици и еден наставник, пред да изврши самоубиство. Нападот траел 17 минути, а полицијата пристигнала на местото на настанот во рок од пет минути. Напаѓачот легално поседувал оружје, а во неговиот стан биле пронајдени нефункционална бомба и проштално писмо. Мотивот за нападот сè уште не е познат.

Австрискиот канцелар Кристијан Штокер прогласи тридневна национална жалост, а утрово низ целата земја беше одржана едноминутно молчење. Грац и Австрија сè уште се во шок поради овој трагичен настан.

11.06.2025 - 16:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега