Фамелос и Филипче во Атина - потврдени добрите односи и соработката меѓу СИРИЗА и СДСМ
Многу добрите односи, соработката и меѓусебното разбирање меѓу двете партии по многу прашања, биле потврдени на средбата во Атина на претседателите на СИРИЗА и СДСМ Сократис Фамелос и Венко Филипче, соопштија од грчката опозициска партија, јави дописничката на МИА од Атина.
Филипче вчера се сретна со Фамелос во Атина, средба на која присуствувала и секретарката на Централниот комитет на партијата, Рања Свигу, а од СИРИЗА попладнево информираа дека „двете страни се согласија дека приоритет за двете партии се мирот, стабилноста, соработката и безбедноста на Балканот“.
Дополнително, било истакнато дека за сето ова „од големото значење е доследното почитување на Договорот од Преспа и европската перспектива на Северна Македонија“.
-За време на средбата, детално се разговараше за пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ и проблемите што се појавија, како и за транспортната инфраструктура на Балканот, патната и железничка и нивното значење за двете земји. Раководствата на двете партии се согласија дополнително да ги продлабочат нивните односи со оглед на тоа што делат заеднички вредности, цели и идеи. Поради оваа причина, тие разговараа за конкретни иницијативи што треба да се преземат заеднички, како и за билатерални средби во текот на годината, соопштија од СИРИЗА.
Лидерот на СДСМ вчера учествуваше на втората Меѓународна конференција во организација на Институтот „Алексис Ципрас“, а за време на престојот во Атина се сретна со Фамелос во канцелариите на СИРИЗА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа